ПРИКАЗНАТА ЗА САТУРН - САДЕ САТИ
(седум и пол години тага)
Кралот Викрама кој владеел со областа Уџајини по природа бил интелектуален филантроп и на своите сограѓани гледал како на свои деца. Тој се грижел за нивната благосостојба и бил познат по својата хуманост и праведност. Бил голем љубител на интелектуални дебати и размислувања. Покрај себе ги имал собрано најголемите умови, министри, експерти, судии. Обожувал секој ден да расправа со нив на различни теми. Еден таков ден прашањето за кое се расправало било: Која од деветте планети е најмоќна (врховна)?
Кога се дознало за што ќе се расправа тој ден, како никогаш дотогаш сите граѓани биле заинтересирани за одговорот на ова прашање и затоа сите се собрале во големиот амфитеатар. Начинот на кој што требало да се дојде до одговор на ова прашање бил следниот: секоја од планетите со свој претставник требала да излага пред големиот аудиториум за особините и моќта на планетата. Овие нивни претставници и самите ги поседувале особините на планетите, дури и премногу наликувале на нив. На крајот, после сите излагања, кралот Викрама тербало да одлучи која од овие планети е најсупериорна.
Претставувањето започнало.
Прв бил претставникот на Сонцето. Кога влегол во амфитеатарот целиот зрачел со достоинство, моќ, авторитет и со еден скромно-арогантен глас почнал да говори: „Сонцето е најсупериорно меѓу сите планети. Меѓу планетите тој е Бог. На оние кои му се поклонуваат и му се оддадени, Сонцето ќе им ги избрише сите грижи, болести и сиромаштија.“
Претставникот на Сонцето имал виткана златна коса, прониклив ум, маестрален глас, очи со боја на мед, стабилна градба. Бил накитен со црвени цветови и наметка со боја на шафран и во рацете држел црвен лотосов цвет. Претставникот зборувал како сè потекнува со соцето, дека тоа е душата на сè. Неговиот ден е недела (анг. Sunday), а хороскопскиот знак на Лавот. Тој владеел со светлината, топлината и времето. Претставникот раскажувал за големината и делата на Сонцето велејќи: „Тој ги брише гревовите, загубите, слепилото и неукоста.“
Откако претставикот на Сонцето завршил со претставувањето, кралот слушнал како толпата воскликнува од одушевување.
Втор на ред бил претставникот на Месечината. Имал прекрасни очи, сензитивна природа, експресивен и неодолив лик. Неговиот говор бил проткаен со чувства. Покажувајќи разбирање и кон оние што го обожуваат Сонцето, рекол дека навистина Богот Сонце е голем, но сепак моќта на Месечината е далеку поголема.