Кралот Викрама обвинет за кражба на бисерен ѓердан од Алолика, кралот Чандрасена го казнува до смрт!
Алолика влегла во собата, сета накитена, на нејзините нозе тропкале алки, мирисала на неодолив парфем. Се обидела да го разбуди кралот прскајќи го со вода од шафран, но бидејќи тој се преправал дека спие, таа не можела да го разбуди. Три часа се обидувала да го разбуди, но ништо, на крајот го симнала својот бисерен ѓердан и го закачила во собата, легнала до кралот и набргу и таа заспала.
Оф, си мислел кралот, ако е грев да зборуваш со немажена жена насамо, колкав ли грев е да бидеш допрен до неа?
Додека се прашувал ова, кралот Викрама го видел нацртаниот лебед на ѕидот како оживува и долетува до местото каде што Алолика го беше оставила бисерниот ѓердан и почнал да го голта. Кралот Викрама си помислил: „Ова лошо ќе се одрази врз мене. Ќе биде лошо и ако реагирам, тоа ќе значи дека не сум спиел а сум лежел до немажена жена, а ќе биде лошо и ако дозволам да го голтне, тогаш може да ме обвинат за кражба.“ Кралот Викрама сметал дека е подобро да го наречат крадец отколку дека сакал да ја искористи девојката. Потоа Викрама потонал во сон.
Кога се разбиудила Алолика ја подала раката накај бисерниот ѓердан, но не го дофатила. Станала и видела дека го нема и си рекла: значи овој е таков измамник и крадец, ми го украл ѓерданот! Го разбудила нервозно и му рекла: „Давај ми го ѓерданот и да те нема од тука!“. Кралот Викрама се обидувал да објасни дека тој не е крадец и дека сè ова се должи на неговата лоша среќа. Но Алолика не му поверувала и истрчала кај татка си и му рекла: „Значи ваков маж ми најде за сопруг, каков измамник и крадец, ми го украде бисерниот ѓердан!“ Трговецот вознемирен од тоа што го слушнал отишол во собата кај Викрама и му рекол: „Јас те нагоштевав со најубави јадења, ти дадов засолниште да преспиеш, дури ти ја понудив и раката на мојата ќерка, а ти вака ми враќаш!“ Кралот Викрама залудно се обидувал да објасни дека тој е невин. Трговецот уште толку се разбеснел од неговото правдање и му наредил на неговиот слуга да го врзе и убаво да го претепа, па можеби тогаш ќе ја признае вината. Слугата силно го удирал кралот, а тој видно тажен викал: „Залудно ме тепате, па ме претресовте и видовте дека кај мене нема ништо“. Трговецот рекол: „Ова е професионален крадец, на толку тепање уште не признава, водете го кај кралот“.
Кралот Чандрасена ја слушнал приказната од трговецот и му се обратил на Викрама: „Врати го ѓерданот веднаш!“ Викрама одговорил: „Не сум го украл ѓерданот и не знам ништо за него, во заблуда сте дека сум го украл, се е ова поради тоа што Богот Сатурн ми се има налутено. Јас не сум крадец, но ако сакате сметајте ме за крадец, но покажете малку милост кон мене.“ Кралот Чандарсена уште толку го налутил овој негов говор и рекол: „Ти измамнику, суште не ја признаваш кражбата.“ Кралот Чандарсена бидејќи бил под влијанието на Сатурн во тој момент сурово им заповедал на стражарите да му ги исечат рацете и стапалата и да го исфрлат надвор без да му даваат вода и храна. Таков искасапен кралот Викрама се виткал од болка и силно офкал. Бил фрлен во шумата. Се наоѓал во некаква полужива состојба, испуштал чудни, дури страшни крици на болка. Не можел дури ни да размислува во каква мизерија се нашол од преголемата болка. По некое време кралот Чандарсена прашал дали крадецот е мртов. Неговите слуги одговориле дека сеуште не е мртов, но дека набргу ќе умре, никој не можел да опстане со исечени раце и стапала, и на толкаво крварење.
Но кралот Викрама преживувал. Ако умрел, Сатурн не ќе можел да продолжи да го измачува и да го научи на лекција. Викрама толку страшно стенкал и лелекал што дури и животните од шумата се исплашиле од него и не му се доближувале. На тој начин бил заштитен од дивите изгладнети животни. По еден месец Сатурн малку се смилостил над него и во срцето на кралот Чандарсена вродил малку милост. Чандарсена повторно ги прашал слугите како е крадецот, дали умрел до сега, а тие му одговориле дека е едвај жив. Кралот од тој ден им наредил секој ден да му даваат малку храна и вода. По некое време болката на кралот Викрама стивнала и тој полека си ја враќал силата, но сепак бил сакат и секој обид да се придвижи му предизвикуввал голема тешкотија и болка.
Така поминале две години. Еден ден од таму поминувала една девојка која живеела во Уџајини, тука дошла да го посети својот свекор. Кога го здогледала кралот Викрама викнала: „О, голем кралу, што правите вие тука!“ Викрама одговорил: „Честита жено, сè ова се должи на мојата лоша карма. Богот Сатурн многу ми се налути и сега сум казнет на овој начин. Викрама не мислејќи повеќе на сопствената состојбата во која се наоѓал бил загрижен за областа со која владеел, како опстојува неговото кралство и прашал: О, сестро, дали е се во ред во Уџајини?“.
Жената се натажила и одговорила: “Да, кралу, во Уџајини се е во ред. Но како што кажавте, не можеме да побегнеме од сопствената карма. Ајде сега ќе Ви помогнам да седнете во мојата запрега и да дојдете со мене.“ Жената го однела кај трговецот пресувач на масло, нејзиниот свекор. Тој зачуден кога ги здогледал ја прашал: „Ќерко што си ми го довела овој осакатеник? Кралот Чандарсена нареди никој да не му помага, за ова може сега да не казни“. „Ох, татко, послушај ме те молам, ова не е крадец, ниту измамник, ова е кралот Викрама од Уџајини, поради неговата лоша судбина тој е казнет на овој начин. Тој владееше многу правично во Уџајини“. Таа му ја раскажала целата приказна на својот свекор. Кога го слушнал ова пресувачот на масло бил зачуден и со цел респект му се понудил на кралот Викрама за да му помогне.
Следниот ден пресувачот на масло отишол кај кралот Чандарсена да му каже дека осакатеникот е кај него, дека тој се смилостил и дека го зел кај него и деке доколку тој дозволи овој ќе го задржи во неговата куќа и ќе го храни. Кралот Чандарсена убаво го ислушал и се согласил со неговото барање.